апасиев средба руски амбасадор

АПАСИЕВ ИМАЛ „СРДЕЧНА СРЕДБА“ СО РУСКИОТ АМБАСАДОР, РАЗГОВАРАЛЕ ЗА „НЕПРОМИСЛЕНИТЕ“ ИЗЈАВИ НА БУЈАР ОСМАНИ

Во Собранието денеска пратениците на Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов оствариле средба со рускиот амбасадор во земјава, Сергеј Баздникин, соопшти партијата.

Тие, како што соопштија од Левица, разговарале за актуелните домашни и меѓународни теми, „со посебен осврт на специјалната воена операција во Украина и последиците од неа по меѓународниот поредок, а акцент се стави на процесот на денацификација и елиминирање на заканите од екстремно-десничарските и радикалните неонацистички политички движења, кои се опасност за секоја современа демократија“.

„Отворени беа и прашања од важност за Западен Балкан, како и за непромислените русофобски изјави на шефот на дипломатијата – г. Бујар Османи, кои беа оценети како провокаторски и непријателски, и кои воопшто не придонесуваат кон развојот на традиционално добрите односи меѓу македонскиот и рускиот народ. Пратеникот Апасиев се огради од последните контроверзни дејствија на македонската дипломатија и потсети дека овие нецивилизирани антируски чекори воопшто не ја изразуваат волјата на мнозинството македонски граѓани. Осудени беа и непотребните санкции кои Република Македонија, под притисок на ЕУ и НАТО, ги воведе спрема Руската Федерација – од кои најголеми губитници ќе бидат токму македонските земјоделци, а потенцирана беше и заканата од загрозување на досегашниот постоечки безвизен режим меѓу Москва и Скопје, што ќе го отежне патувањето и транспортот меѓу државите“, се вели во соопштението од Левица.

Од партијата додаваат дека средбата поминала во „срдечна и пријателска атмосфера, со надеж за продлабочена идна соработка меѓу двата народа, а на крајот од истата на амабасадорот му беше врачена и свечена монета со ликот на Гоце Делчев, која Левичарскиот институт „Рацин” ја изработи по повод 150-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер“.