ДАГ КЕЈСИ ЗА КОНТРОЛИРАНОТО УРИВАЊЕ НА РЕЗЕРВИТЕ НА ХРАНА И ЕНЕРГИЈА

ДАГ КЕЈСИ ЗА КОНТРОЛИРАНОТО УРИВАЊЕ НА РЕЗЕРВИТЕ НА ХРАНА И ЕНЕРГИЈА

Интервју со Даг Кејси, светски познат инвеститор и автор, чија книга „Кризно инвестирање“ беше број 1 на листата на најпродавани „Њујорк тајмс“ 29 последователни недели. Бил и гостин во стотици радио и ТВ емисии, вклучувајќи ги Дејвид Летерман, Мерв Грифин, Чарли Роуз, Фил Донаху, Реџис Филбин, на NBC News и CNN; и пишувал бројни содржини во списанија како што се Time, Forbes, People и Washington Post.

Русија е еден од најголемите производители на вештачки ѓубрива во светот, а тензиите со САД и ЕУ го нарушуваат снабдувањето. Покрај тоа, се чини дека има координиран напор да се саботира глобалната земјоделска индустрија. На пример, во Холандија, владата ја ограничува употребата на азотни ѓубрива под смешен изговор дека е потребно за борба против таканаречените „климатски промени“. Холандските земјоделци протестираа против мерките бидејќи веруваат дека ќе им ја уништат егзистенцијата и ќе предизвикаат недостиг на храна. Во Канада, владата на Трудо најави слична политика. Веројатно ќе следат и други влади. Каков е вашиот став за ова? Дали е ова намерен план за нарушување на снабдувањето со храна?

Даг Кејси: Како светските влади да одлучија да ги испратат четворицата јавачи на апокалипсата (Болест, Војна, Глад и Освојување). Хистеријата со Ковид и последователната вакцинална манија можат да бидат знак за Болест. Прокси-војната на САД против Русија во Украина ги има сите шанси да се влоши. Многу повисоките цени на суровините предизвикани од инфлацијата на централните банка ќе предизвикаат глад во сиромашните земји. Што се однесува до четвртиот коњаник, Освојување? Тоа најдобро се преведува како Државна моќ. Кралеви и владетели, се разбира, но денес тоа се манифестира како социјализам и авторитаризам денес. Ние сме во тешки времиња. Четворицата коњаници доаѓаат. Но, да го погледнеме гладот. Малкумина сфаќаат дека пред Индустриската револуција, која започна дури во 19 век, светот постојано беше на работ на масовен глад. Немаштијата и гладот беа нормални. Хобс бил во право кога рекол дека животот е „осамен, сиромашен, гаден, брутален и краток“. Индустриската револуција, напојувана од јаглен, а потоа и нафта, ја промени природата на самиот живот. Храната стана изобилна и сега, убедливо, на најевтините нивоа во историјата. Тоа сега се менува. Основните производи како пченицата, сојата и пченката се удвоија во цена во последните неколку години – а приходите на луѓето не се дуплирани. Се сомневам дека ова не е само циклична самоприлагодлива флуктуација. Тоа е нешто многу посериозно. Па што се случува? Која е подлабоката причина зад тоа? Големата хистерија на Ковид беше катализаторот што го поттикна „Големото ресетирање“ на Светскиот Економски Форум (СЕФ). И покрај тоа што самиот „грип“ се покажа како едно големо ништо, тој доведе до колапс на економската активност. Демократската Социјалистичка Република Шри Ланка, место за кое малкумина размислуваат, се чинеше дека го предводи патот. Нејзините владетели решија да ја направат земја која најмногу одговара на желбите и политиките на СЕФ, во моментот кога туризмот пропадна поради пандемската хистерија. Владата забрани увозни ѓубрива во 2021 година, а производството на чај и ориз падна за 50%. Шри Ланка ја објави веста поради длабочината на нејзината самопредизвикана катастрофа. Се прашувам, бидејќи Шри Ланка е остров со многу авторитарна влада, дали ова беше експеримент за да се види што ќе се случи ако ги исклучите сите вештачки ѓубрива и создадете земјоделска криза во една земја. Дали звучи лудо? Мислам дека тоа е вистинско прашање. Тоа е лудо – но токму тоа се случи. Дали е можно светската елита да одлучила, дека светот има премногу луѓе и дека премногу од нив се она што главниот интелектуалец на СЕФ, Јувал Ноа Харари, ги нарече „бескорисни усти“? Со неколку исклучоци, сите светски лидери се членови на Светскиот Економски Форум. Сите тие имаат заеднички интереси, делат иста елитистичка/колективистичка филозофија, меѓусебно се промовираат и имаат заедничка партиска линија. Елитата е виновна за проблемите што ги имаме сега, ослободувањето на четворицата коњаници. Ова не е теорија на заговор. Ова е само признание на фактот дека сличните се собираат заедно, се групираат. И штом членовите на елитата ќе станат меѓународно влијателни или ќе контролираат влада, тие стануваат „класа“. Мразам да звучам како марксист кој зборува за класни интереси, но тоа е вистина. Луѓето кои управуваат со повеќето влади се многу полојални на својата класа – меѓународната елита – отколку на своите гласачи или нивните сонародници. Тие размислуваат слично. Оделе во исти училишта, одат во исти клубови, читаат исти книги, одат на исти конференции, имаат ист светоглед и се дружат еден со друг. Тие се под влијание на истите инфлуенсери. Значи она што се случува во моментов не е само случајно несреќна ситуација.

Режимот на Бајден неодамна го донесе Законот за намалување на инфлацијата. Тој има за цел да ја намали инфлацијата преку создавање поголема инфлација. Голем дел од овој Закон за трошење вклучува астрономски 369 милијарди долари за проблемите поврзани со „климатските промени“. Што мислиш за ова?

Даг Кејси: Законоите во денешниот Орвеловски свет ќе го прават токму спротивното од она што го велат дека ќе го прават. Трилиони државни трошоци што ги видовме во последните неколку години е практична примена на она што се нарекува Модерна Монетарна Теорија (ММТ). Излезе од под карпа пред неколку години. Но, никогаш не успеа, можеби затоа што самата теорија е толку срамота и радикална. „Законот за намалување на инфлацијата“ е практична примена на ММТ. Што значи тоа? Тоа значи дека стотиците милијарди долари што режимот на Бајден си ги овластил да ги потроши ќе влезат низ инката. Сето тоа ќе оди кај луѓето што ги фаворизираат, проектите што ги фаворизираат и идеите што ги фаворизираат. Огромна сума на пари и се дава на елитата и на луѓето кои ја држат нивната линија. Но, како теоретски би требало овој огромен подарок да ја намали инфлацијата? Од ММТ велат дека владата може да се спротивстави на ефектите од зголемувањето на паричната маса со тоа што ќе ги врати парите надвор од економијата преку даноци. Но, кој ќе ги плати тие даноци? Елементи од општеството кои не се „за“. Луѓе за кои сметаат дека се непотребни, политички несигурни или неподобни. Во денешниот свет, даноците ги плаќаат главно припадниците на средната класа. Луѓето од пониските класи не плаќаат данок на доход зашто се пре-сиромашни. Даноците се донекаде ирелевантни за луѓето од повисоките класи кои имаат пристап до офшор локации, скапи сметководители и други начини за минимизирање или одбегнување на данкот – освен фактот дека тие се оние кои ќе го добијат најголемиот дел од новите пари од ММТ. Средната класа е таа која ќе биде оданочена за да ги повлече парите што доаѓаат во  инката. Теоријата е дека 400 милијарди долари што ги одобрува Законот ќе одат во општеството таму каде што вели елитата. Потоа ќе бидат повлечени 400 милијарди долари преку даноци од средната класа, помогнати од 87.000 нови агенти на даночната служба. Тоа е токму она што тие ќе го направат, и токму тоа го има намерата на ММТ. Државата вложува пари на врвот, на „паметни“ места, а тие вадат пари од стопанството од места и луѓе за кои сметаат дека не се достојни. Тоа е катастрофално опасен начин владата тотално да ја зароби и манипулира економијата. Токму за тоа е всушност изопачено именуваниот Закон за намалување на инфлацијата. И тие ќе го направат тоа без да изгледаат така. Тоа е ѓаволски паметно.


Американската влада од неодамна на големо ги исцрпува своите стратешки нафтени резерви. Во исто време, администрацијата на Бајден им отежна на производителите на нафта и гас да работат во САД. Што се случува овде?

Даг Кејси: Како прво, јас сум против каква било стратешка нафтена резерва управувана од американската влада. Освен тоа што значи дека владата шпекулира со стоки и суровини, исто така и дава многу дополнителна моќ на државата и на бирократите кои ја контролираат. Соодветните нафтени резерви се нешто што пазарот може, треба и би го направил – доколку имавме навистина слободен пазар. А всушност го немаме. Претприемачите, нафтените компании и приватните шпекуланти се неизмерно подобри во откривањето дали ќе има недостиг од нафта или дали пазарот ќе биде презаситен. Владиното омаловажување на доларот му штети на просечниот човек, но просечниот човек гласа. И тој идиотски ја бара вината за инфлацијата кај производителите на нафта – токму компаниите кои се борат против ефектите на инфлацијата. Се разбира, од режимот на Бајден сакаат нафта што е можно поевтино пред изборите. Ќе се сликаат како добри момци, а производителите на нафта ќе ги претстават како лоши момци. Тие се обидуваат да ги намалат ефектите од инфлацијата со тоа што ќе ја направат нафтата подостапна. Но, штом резервата ќе исчезне, што ќе се случи? Елитата апсолутно мрази фосилни горива. Тие мразат јаглен, нафта, гас и ураниум затоа што го зајакнаа обичниот човек од почетокот на Индустриската револуција. Тие не сакаат да видат повеќе произведена енергија, тие сакаат да ја видат енергијата зачувана, потоа распределена идеолошки, а не економски. Но, слободниот пазар, а не тие, треба да одлучат дали има смисла да се зачува енергијата или не. Тие ја мразат индустријата за фосилни горива и сакаат да го насочат капиталот кон таканаречените зелени технологии, во основа соларни панели и ветерници. Како што кажав многу пати претходно, нема ништо лошо во овие таканаречени алтернативни форми на производство на енергија на одредени места и во одредени периоди. Но, како извор на масовно производство на електрична енергија, тие немаат никаква смисла. Тие се тотално несоодветни за просперитетна индустриска економија. Овие идиоти си играат со оган на глобално ниво. Агендата за климатски промени е уште една форма на психолошка контрола на масата. Колку повеќе страв и хистерија создава елитата, толку повеќе има контрола. Исперените мозоци на „рајата“ ќе молат за силен човек со ветувања дека сè ќе исправи. Факт е дека има многу, многу децении на располагање нафта, гас, јаглен и нуклеарна енергија. Новите технологии на крајот ќе ги заменат повеќето од нив, исто како што моторот со внатрешно согорување го замени коњот, а електричната енергија го замени дрвото пред 100 години. Каменото доба не заврши затоа што останавме без камења, а ерата на фосилни горива нема да заврши затоа што ги потрошивме нашите фосилни горива. Но, обидот да се принудат овие работи од политички и идеолошки причини има вистинска шанса за целосен колапс на економијата.

Европската унија на сличен начин воведува самоуништувачки политики кои се закануваат да ја уништат нејзината безбедност на храна и енергија. Се чини дека западните влади намерно ги саботираат нивните економии. Што навистина се случува овде?

Даг Кејси: Тоа е како да го гледате контролираното уривање на зграда пред ваши очи. Овие луѓе и објавија војна на западната цивилизација. Ослободувањето на четворицата коњаници на Апокалипсата може да донесе нешто што значи ново мрачно доба, нов Среден Век. Глобалната елита навистина мисли дека се различни, подобри и помудри од плебсот. Тие станаа толку смели што всушност објаснуваат што прават. Тие веруваат во авторитаризам затоа што веруваат дека тие се оние што треба да бидат на врвот. Тие не разбираат економија, историја, наука или технологија – но сакаат да бидат на врвот. Тие се обидуваат да го оправдаат тоа што го прават. Тие сакаат да изгледаат паметно со тоа што велат: „Па, ќе ни претстојат некои неизбежно тешки времиња. Ќе имаме студени зими. Ќе имаме недостиг од храна“. Претпоставувам дека можат да го спинуваат за да изгледаат мудро затоа што ги виделе овие работи однапред и ги предвиделе – но прилично е лесно да се предвиди нешто што вие го предизвикувате. Станува збор за континуираниот колапс на западната цивилизација, која овие луѓе ја гледаат како зло. Во овој момент, САД се последниот вистински бастион на западната цивилизација. Но, Јакобинците сега го контролираат државниот апарат во САД и нема лесно да ја пуштат власта. Западна Европа целосно се преврте. Таа е целосно контролирана од социјалистичката идеологија на централно планирање. Така, можеме да очекуваме повеќе контроли, повеќе закони, повеќе регулативи додека се движиме во огромната финансиска и економска криза што е веднаш зад аголот. Тоа веќе не е во некоја теоретска иднина. Тоа може да биде за неколку недели или месеци.

Што може да направи просечниот човек за да се заштити себеси — и своите пари — од последиците на овие деструктивни мерки?

Даг Кејси: Како што се продлабочува поголемата рецесија и економска депресија, просечниот човек ќе бара некој да ги реши неговите проблеми. Јавноста ќе бара повеќе контроли. Околу половина од земјата гласаше за Бајденистите, а во неодамнешниот говор на Бајден тој практично и објави војна на другата половина од земјата. Како Бајден да одлучил дека и тој сака да биде воен претседател, како криминално глупавиот Буш Помладиот. Освен што Бајден може да заврши како претседател на Граѓанската војна. Што можете да направите за тоа? Една од можностите е дека едноставно решавате да не ја играте играта. Како што рече Тимоти Лири во поинаков контекст, „Вклучи, слушни, испадни“. Можеби можете да ги имитирате Амишите, но мислам дека тие нема да остават никого на мира. Или можеби можете да бидете како Рет Батлер во „Однесено со виорот“ и да им тргнете од патот на глупавите луѓе. Едно изгледа сигурно: се соочуваме со голема пресвртница во светската историја. Тоа е навистина сериозно. Што ќе се случи конкретно? Што ќе направи елитата, а што ќе направи јавноста како одговор? Тоа е сложена игра со погодување, како предвидување на следното вртење на калеидоскоп. Моите облози во моментов се на суровини, генерално. Тие се многу евтини во однос на сите други финансиски средства. Ќе има недостиг поради она што го прават елитите со политиките како Зелената Агенда и Нет Нула, и нивните општи ставови кон бизнисот, приватниот капитал и претприемништвото. Купувајте злато, сребро и енергија, додека барате паметни места за шпекулации. Тие постојат. Внимавајте на францускиот израз sauve qui peut – нека се спаси кој може. Таква е ситуацијата додека преминуваме во зголемен економски, финансиски, политички и социјален хаос.

Задолжително следете ја нашата Фејсбук фан страна (https://www.facebook.com/kolovrt21) и нашиот Канал на Телеграм: https://t.me/kolovrtcom

  • Доколку посакувате да помогнете за работењето на овој мој независен вебсајт, продукцијата на моите видеа на Rumble и на било каков начин да се вклучите во борбата, односно отпорот кон оваа агенда, тоа можете едноставно да го направите со една симболична донација.
  • Контактирајте ме на мојата Фејсбук Фан Страна (https://www.facebook.com/kolovrt21/) или на email (kolovrt@kolovrt.com) околу деталите за помошта.
  • ВИ БЛАГОДАРАМ ОД СРЦЕ!