украина бегалци македонија

Мал број Украинци спасот од војната го побараа во Македонија

Засега нема точен податок колку луѓе од Украина спасот од војната го побарале во Македонија. Проценките се дека таа бројка се движи од 200 до близу 600 лица. Но, едно е сигурно, никој досега не е заведен со статус на бегалец, ниту пак некој побарал статус на азил.

Иако Македонија, како мала земја која економски не е силна, но и која географски не е блиску до Украина, засега не е типична дестинација за бегалци од војната, сепак државата мора да биде подготвена и хуманитарно организирана за евентуален бран луѓе на кои им е потребна помош во сместување, храна, здравствена и друга помош.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи утрово најави дека се очекува Владата на денешната седница да ги разгледа информациите за капацитетите и ресурсите со кои располагаат државните институции за згрижување бегалци и да се утврдат вкупните можности за што податоци ќе презентира токму Османи, пренесува МКД.мк.

„Нема да одбиеме ниту еден бегалец кој што ќе стигне на граница. Сепак, не очекувам голем бран во овој период бидејќи украинските бегалци одат во другите држави во соседството на Украина”, рече Османи, но и нагласи дека секојдневно бројките на бегалци се зголемуваат и дека ниедна можна ситуација не смее да се исклучи.

Олександар Урбанович од Здружението на Украинците за МКД.мк вели дека нема прецизни податоци колку украински државјани спасот од војната го нашле во Македонија, но според тоа што го знае, станува збор за нешто повеќе од 200 лица кои тука имаат роднини.

„Никој од нив не побарал статус на бегалец бидејќи се сместени кај членови на свои семејства, кај роднини, а еден помал број кај пријатели. Како здружение во контакт сме со државните институции со цел брзо да се реагира доколку биде потребно”, вели Урбанович.

Според него, нема повеќе од 500 Украинци кои трајно пред 24 февруари живееле во Македониија.

Пред два дена претседателот Стево Пендаровски во телевизиско интервју рече дека од почетокот на воените дејства во Македонија се влезени околу 550 украински државјани, но и нагласи дека никој не побарал азил. Главно станува збор за лица од мешани бракови кои имаат каде да се сместат. Според шефот на државата, земјава се подготвува за евентуален бран на беглаци, нагласувајќи дека Македонија неодамна згрижи 450 лица од Авганистан, а дека искуството со решавање на хуманитарни кризи е особено потврдено уште во1999 година, кога земјава се соочи со стотици илјади бегалци.

И од МВР за МКД.мк потврдуваат дека досега никој кој во земјава влегол од Украина не побарал статус на бегалец, ниту пак азил. Според податоците на МВР, од 24 февруари, кога почна украинската војна, до 11 март на влез во Македонија се евидентирани 1.146 украински државјани. Но, и бројката на украински државјани кои во истиот период излегле од земјава не е мал – 759 украински државјани ја поминале македонската граница и заминале на друго место или се вратиле во Украина. Со други зборови, во овој кус период од почетокот на војната, во Македонија засега се наоѓаат помалку од 400 украински државјани.

На денешната владина седница, според зборовите на министерот Бујар Османи, ќе се разговара за стратегија за евентуално создавање импровизирани сместувачки капацитети доколку земјава се соочи со поголем број на бегалци, но и стратегија за помош, доколку има поголем број на македонски семејства кои ќе се пријавуваат во нивните домови да примат бегалци од Украина.

Извор: МКД.мк